37 прегледен научен труд УДК 821.163.3.09”18” ПРЕТСТАВИТЕ НА ПЕКОЛОТ И ЃАВОЛОТ ВО МАКЕДОНСКАТА КНИЖЕВНОСТ ОД XIX ВЕК д-р Славчо Ковилоски Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Институт за македонска литература, Скопје Клучни зборови: пекол, ѓавол, Страшен суд, XIX век, Кирил Пејчиновиќ, Јоаким Крчовски, Григор Прличев Keywords: Hell, Devil, The Last Judgement, XIXth century, Kiril Pejchino- vikj, Joakim Krchovski, Grigor Prlichev Вовед Книжевноста во светски рамки познава повеќе описи на невидливите или незнајни нешта, било тоа да се претстави од уметничка или од религи- озна природа. Една од претставите што кај човекот секогаш будат некакви емоции е таа на пеколот, сурово место каде што се верува дека завршу- ваат сите грешници на земниот свет. Почнувајќи од антиката и Енеида на Виргилиј, преку средновековната Божествена комедија со Пеколот на Данте Алигиери, до Изгубениот рај на Џон Милтон, Фауст на Јохан Волфганг Гете, Портрет на уметникот во младоста од Џејмс Џојс и други дела, описите на пеколот наоѓаат свое место во книжевноста. Во групата уметнички прикази на пеколот, кои на некој начин се надополну- ваат со книжевните дела, не треба да ги заборавиме и сликите, графиките и црковните фрески, а во нашата современост – филмовите, музиката итн. Познато е дека демоните одамна се присутни во христијанското веру- вање, а неретко свое место наоѓале и во визуелните претстави во црквите, илустративно и симболично претставувајќи ги казните со кои грешниците требало да се соочат по Божјиот суд. Вечниот оган и Огнената Река со своите пламени јазици ги проголтувале луѓето кои за време на животот извршиле различни злодела. Иако Вечниот оган и пеколните маки што ќе ги снајдат грешниците го сретнуваме на повеќе места во Стариот и во Новиот завет, како и во подоцнежните текстови на светите отци, како најилустративни